Брзиот развој на индустријата го постави прашањето за ползување на топлинската енергија и конструкција на соодветни машини со кои таа енергија ќе се претвори во полезна механичка работа. За таа цел, беше најважно да се установат условите под кои гасот, односно парата може да врши определена работа и да се знае да се определи таа работа.
Да разгледаме идеален гас затворен во цилиндар со подвижен клип (Сл.5.3). При поместувањето на клипот на многу мало растојание ∆х се извршува елементарна мала работа ∆А=F∆х. Според определбата на притисокот, следува F=pS, а бидејќи ∆V=S∆x, e мала промена на волуменот на гасот, елементарната работа ќе биде дадена со изразот: ∆A=p∆V (5.8)
Кога гасот се шири тој врши позитивна работа против дејството на надворешните сили (∆Ѵ>0). При компресијата на гасот работата е негативна зошто промената на волуменот ∆Ѵ<0. Таа негативна работа ја извршуваат надворешните сили за компресија на гасот.
Од равенката (5.8) може да се заклучи дека работата што ја врши гасот зависи од неговиот притисок и од промена на волуменот што е направена, независно на кој начин таа промена е направена. Ако гасот се загрева, поради ширењето се зголемува неговиот волумен така што ∆V > 0. Тогаш работата е позитивна. Ако гасот се лади, волуменот ќе се намалува така што ДѴ<0 па работата ќе биде негативна.
Сега да се задржиме на работата што гасот ја извршува при изопроцесите.
1. Ако волуменот на гасот при загревањето е константен, т.е ако процесот е изохорен, што лесно би се постигнало, ако клипот се прицврсти во определена положба (Сл.5.3), при загревање или ладење на гасот се менува притисокот, но промената на волуменот е ∆Ѵ=0. Според равенката (5.8) следува, дека извршената работа е еднаква на нула. Тоа значи, дека при изохорен процес гасовите не вршат работа. Во таков случај целото количество топлина до што му е дадено или одземено на гасот предизвикува само промена на неговата внатрешна енергија.
Ако гасот се загрева (∆Q>0) температурата на гасот се покачува за ∆Т, додека пак, ако се лади (∆Q<0) па и промената на температурата е негативна.
2. Ако гасот се загрева или лади изобарно со додавање или одземање на количество топлина волуменот на гасот ќе се менува за ∆V. При загревање гасот се шири и дѴ>0. при ладењето ∆V<0. Бидејќи при двата случаја притисокот на гасот останува константен, работата што ја извршува гасот, согласно равенката (5.8) е пропорционална со промената на волуменот:
∆А=p∆Ѵ=p(V1-V2) (5.9)