Силата на притисокот со која флуидот дејствува на ѕидовите од садот во којшто се наоѓа, или, пак, на која било површина во флуидот рамномерно е распоредена по целата површина со која флуидот се допира.
Затоа и силата на притисокот не зависи само од степенот на компресијата на флуидот, туку зависи, исто така, и од големината на таа површина. За да се определи силата на притисокот независно од големината на површината на којашто таа сила дејствува, се воведува физичката величина притисок. Притисокот се дефинира со односот помеѓу големината на силата на притисокот F којашто дејствува нормално на површината и плоштината на таа овршина S на која таа сила дејствува: p=F/S.
Користејќи ја равенката може да се определи единицата за притисок во SI. Единица за притисок во SI е паскал (Ра). Ако во равенката се стави F=1N, а S=1m2 се добива: 1Pa=N/m2 т.е притисокот изнесува 1 Ра ако сила од 1N рамномерно дејствува нормално на површина со плоштина S=1m2. Поголеми единици од паскал се: килопаскал 1kPa=103 Pа и мегапаскал 1МРа=106Ра. Во метеорологијата притисокот се искажува, обично, со единицата бар (bar); 1bar=105Ра. Илјада пати помала единица од барот е милибар (mbar); 1mbar=10-3 bar.
Силата на притисокот што се создава во флуидот, ако тој се подложи на дејство на надворешна сила, дејствува подеднакво низ целиот волумен на флуидот. Од таа причина и притисокот на флуидот, определен со равенката, ќе дејствува подеднакво низ целиот волумен на флуидот. Тоа значи, дека притисокот што го создава надворешната сила низ флуидот во сите насоки се пренесува подеднакво. До ова сознание прв дошол Паскал и во физиката е познато како Паскалов закон.
Врз основа на Паскаловиот закон функционираат многу уреди, како на пример, хидрауличните сопирачки, хидрауличната преса и др.
Во обични услови на течностите и гасовите како и на сите други тела им дејствува силата на Земјината тежа. Да разгледаме како се менува притисокот внатре во течноста на која дејствува силата на тежата. На сл. 3.7 е прикажан сад во кој има течност. Ако во течноста ги разгледаме слоевите: 1, 2, 3, 4, 5, итн. кои се раздвоени со хоризонталните површини: 2-2, 3-3, 4-4,5-5, итн. тогаш најгорниот слој (слојот 1) под дејство на силата на тежата притиска на слојот 2. Според Паскаловиот закон, тој притисок се пренесува на сите подолни слоеви. На ист начин, слојот 2 притиска врз слојот 3 и тој притисок се пренесува на сите други слоеви под него итн. Слоевите што се наоѓаат подлабоко во течноста се подложени на сè поголем притисок што резултира од тежината на сите слоеви што се наоѓаат над него. Врз честиците од течноста што се наоѓа на дното од садот со својата тежина ќе дејствуваат сите погорни слоеви и затоа тука притисокот ќе биде и најголем.
Притисокот што се јавува во течноста како резултат од сопствената тежина на течноста се вика хидростатски притисок. Во сите точки од една хоризонтална површина хидростатскиот притисок е еднаков. Површините каде хидростатскиот притисок е еднаков се викаат нивовски површини.
Од равенката (3.2) следува, дека хидростатскиот притисок во некоја точка од течноста што се наоѓа на длабочина од слободната површина зависи правопропорционално од височината на течниот