Со звукот може да се добијат информации и за состојбата на внатрешните органи на човекот. Звучниот метод, познат како аускултација (прослушување на звуците во организмот), е еден од најстарите акустички методи за дијагностика во медицината.
За аускултација се користи стетоскоп (сл.1). Тоа е цевка со која се одведува звукот до увото на лекарот. Бинауралниот стетоскоп (сл. 2) се состои од празна капсула со мембрана (1) која се поставува на телото од болниот, а од неа водат гумени цевки (2) кон двете уши на лекарот. Мембраната е звучен детектор. Во празната капсула (ако нејзината големина е непарен број од 2/4) настанува резонанција на воздушниот столб, при што звукот се засилува и се подобрува аускултацијата (слушањето).
При аускултацијата на белите дробови се слушаат шумови при дишењето и разни 'рчења карактеристични за заболувањето. Според промената на тонот на срцето, може да се суди за состојбата на работата срцето. Со користење на овој метод може да се утврди перисталтиката на желудникот или да се слушне биењето на срцето на плодот во мајката.
Обично кога лекарот врши операција за да може да ја следи состојбата на болниот или за едновремено слушање од повеќемина се користи систем во кој влегуваат: микрофон, засилувач и звучник или слушалки.
За дијагностика на состојбата на срцето се применува метод сличен на аускултацијата наречена фонокардиографија (ФКГ). Методот се состои од графичка регистрација на тоно- вите и шумовите на срцето и нивна дијагнос- тичка интерпретација. Така добиениот дија- грам се вика фонокардиограм (сл. 3). За таа цел се користи специјален апарат фонокардиограф, којшто се состои од микрофон, засилувач, систем со фреквентни филтри и направа за регистрирање.
Принципиелно различен метод од претходно наведените е перкусија. При овој метод субјективно се анализираат звуци од одредени делови на телото при нивно потчукнување со прст или меко чеканче.
Шематски човечкото тело може да се престави како севкупност од волумени исполнети со гас (на пример, белите дробови), со течност (внатрешните органи) или тврди волумени (коските). При удар по површината на човечкото тело или по забот се создаваат осцилации, со фреквенции кои имаат широк дијапазон. Притоа некои осцилации се гасат многу брзо, други, кои се совпаѓаат со coпствените осцилации на некоја празнина, се засилуваат и како резултат на резонанција се слушаат. Искусниот лекар по тонот на перкусијата ја определува состојбата и топографијата на внатрешните органи. На ист начин искусниот стоматолог според звукот што го слуша суди за состојбата на забот.