Дишењето е процес кој се одвива благодарение на периодичната промена на волуменот на градниот кош, а со тоа доаѓа и до промена на воздушниот притисок во белите дробови во однос на атмосферскиот притисок.

Од физичка гледна точка, белите дробови се кеси, непропустливи за воздухот, само преку трахеите се поврзани со атмосферата.

Голема улога при дишењето има просторот меѓу двете плеври, обвивки од непропустлив слој за воздух на белите дробови и внатрешната страна на градниот кош (интерплеврен простор). Нормалниот притисок во интерплеврениот простор кој е помал од атмосферскиот (околу 1,2 kPa понизок од атмосферскиот) е познат како негативен притисок. Белите дробови не се споени со ребрата и немаат сопствена мускулатура. Тие може да се полнат и празнат со воздух само со пасивен механизам, следејќи ги промените на притисокот во градниот кош.

Кога ребрата со помош на меѓуребрените мускули се подигаат нагоре (како еднокрак лост на сила, тоа се прави без поголем напор), настанува ширење на градниот кош, дијафрагмата ја намалува кривината и слегува надолу, а со тоа доаѓа до ширење и на белите дробови (сл. 1 - состојба 2).
Секое ширење на градниот кош доведува до зголемување на негативноста на притисокот во интерплеврениот простор, што доведува до ширење и на белите дробови.

Имено, со зголемување на волуменот V, според Бојл-Мариотовиот закон (pV=const) притисокот р во белите дробови, се намалува. Во таква состојба притисокот на воздухот во белите дро бови е помал од атмосферскиот р < b, а како резултат на тоа, во респираторните патишта започнува да навлегува атмосферскиот воздух, а тоа е вдишувањето (сл.1 состојба 2).
Обратен процес се одвива при издишувањето. Со олабавување на меѓуребрените мускули волуменот на градниот кош се намалува, а со тоа притисокот во белите дробови се зголемува. Кога притисокот во белите дробови е поголем од атмосферскиот р>b, од нив се истиснува дел од воздухот во надворешната средина (сл. 1 - состојба 3).

Имено, при процесот на дишење (вдишувањето и издишувањето) причината за струење на воздухот е разликата на притисоците во респираторниот систем и околната средина.

Кога при оперативен зафат или траума ќе се отвори интерплеврениот простор, притисокот во него се изедначува со атмосферскиот и белите дробови се исклучуваат од процесот на дишењето.

Механизмот на дишењето може да се покаже со механичкиот модел на белите дробови (сл.2). Тоа е едно големо стаклено шише чие дно е пресечено и заменето со тенка гумена мембрана. Според овој модел цевката С одговара на носот, балонот B наполнет со воздух - на белите дробови, стаклениот сад P - на ребрата, додека гумената мембрана D - на дијафрагмата. Со потегнување на гумената мембрана надолу (се зголемва волуменот) во херметички затворениот простор на стаклениот сад доаѓа до опаѓање на притисокот. Притоа, со ист период осцилира и волуменот во балонот B, создавајќи циркулација на воздухот низ цевката С.
Живите организми, во текот на својата еволуција, успеале да се адаптираат на атмосферскиот притисок. Тие лесно се прилагодувааат на бавните и не многу големи промени на атмосферскиот притисок.

Во услови, на намален атмосферски притисок (на висини поголеми од 3000 m), нарушувањата се манифестираат во вид на т.н. планинска или висинска болест. Кога атмосферскиот притисок нагло се променува, се променува и растворливоста на азотот во крвта. Така, при нагли промени на притисокот апсорбираниот азот од крвта се ослободува во вид на гасни меурчиња (гасна емболија).

Брзината со која се променува волуменот на воздухот (волуменска брзина) при дишењето се определува со специјални апарати спирометри. За регистрирање на волуменската промена со текот на времето се користат т.н. спирографи, а резултатите се прикажани преку дијаграми кои се наречени спирограми.